Мицкоски кон 7-те пратеници: Ги скршивте срцата на народот, ја изневеривте вашата татковина Република Македонија

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски се обрати на денешната прослава на празникот 23 октомври, денот на македонската револуционерна борба и основање на македонската револуционерна организација. Почнувајќи од историјата на овој ден, Мицкоски се осврна и на сегашните случувања во македонската политика, истакнувајќи дека „црниот петок“, денот кога беа изгласани уставните промени, бил најтешкиот ден во неговиот живот.

„Ни се случи црниот петок, бевме сведоци на предавство на нашата татковина. Предавство во кои учевствуваа наши браќа и сестри. Тивко, мачно, болно, очајно беше во македонските домови, во македонските градови и села. Сакам директно да им се обратам на оние кои што паднаа, и не останаа до висината на задачата, не издржаа. Иако само неколку денови пред тој црн петок велеа и се фалеа дека нема да потклекнат.

Колку вие и да се убедувате дека не сте потклекнале, колку да мислите дека вие сте луѓе со визија, а ние не ја разбираме политиката, ќе остане фактот дека со вашата крената рака само си ја свиткавте кичмата, а од удирањето во гради ве заболеа плеќите. Ги искршивте срцата на народот, ги повредивте нашите срца, ги повредивте нашите души, нè изневеривте, ја изневеривте ВМРО ДПМНЕ, ја изневеривте вашата татковина Република Македонија“, истакна Мицкоски.