Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања за системските реакции при неодамнешниот трагичен настан во Кочани, направи директна споредба со меѓународни примери, нагласувајќи ја ефикасноста на домашните институции.
Тој истакна дека иако е тешко да се прават споредби кога станува збор за лоши настани, институционалниот одговор во земјава бил на исклучително високо ниво.
Мицкоски повлече паралела со несреќата во дискотеката во познатиот швајцарски центар Кран Монтана, потенцирајќи дека македонскиот систем во сите параметри се покажал како поефикасен.
„Ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме со она што се случи во Кран Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека реагиравме неколкукратно подобро. Во сите параметри и во сите споредби, верувале или не, македонскиот систем и институциите реагираа подобро отколку системот и институциите во Швајцарија,“ изјави премиерот.
Премиерот изрази жалење за жртвите, напоменувајќи дека ниеден системски успех не може да ги надомести загубените животи, но дека од аспект на функционалност на државниот апарат, разликата е видлива.
„За жал, не постои начин како да ги вратиме тие кои повеќе не се со нас. Но, од аспект на системска реакција, нашите институции покажаа подготвеност која е за почит,“ додаде Мицкоски.
