Македонија

Мицкоски: Нема да има поскапување на струјата, ќе се обидеме и да ја поевтиниме

Мицкоски: Нема да има поскапување на струјата, ќе се обидеме и да ја поевтиниме

Цената на електричната енергија за домаќинствата би можела да остане на сегашното ниво, а постои можност и за нејзино намалување, најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Штип.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека Владата работи на нова методологија со која ќе се направи обид да се задржи актуелната цена на струјата, но и да се создадат услови таа да биде пониска.

„За струјата правиме методологија да се обидеме да, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека откако актуелната Влада е на функција немало зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Според него, енергетската состојба во земјава во моментов е стабилна и очекува стабилно снабдување и во текот на зимата.

Мицкоски, сепак, посочи дека енергетскиот сектор се соочува со сериозни глобални предизвици, особено поради војната и нестабилноста на Блискиот Исток.

„И покрај тоа што сме во пикот на најголемата енергетска криза која што човештвото ја памети, а тоа е војната во Арапскиот залив, и покрај сите тие предизвици, денеска ако ме прашате, јас можам да кажам дека состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима“, оцени премиерот.

Најавата за нова методологија доаѓа во период кога цените на енергенсите и состојбите на меѓународните пазари остануваат под влијание на геополитичките случувања.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни