Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвинува дека се под постојан политички приогон од страна на власта, преку како што вели, новата спрега судијката Кацарска и СДСМ.
Како пример ја посочи затворската казна за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. За ова како што вели, разговарал и со колегите од сестринските партии на конгресот на Европската народна партија во Хелсинки.
Мицкоски воедно посочи дека се надева дека многу скоро Република Македонија ќе ја добие заслужената шанса да биде дел од европското семејство, затоа што, како што рече, на крајот од денот, интерес на сите граѓани и на сите политичари е Македонија да успее.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги издржи сите притисоци, ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден е се посилно, стотици граѓани на дневна основа ни се приклучуваат. ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за следниот претседателски изборен циклус, кој ќе се одржи напролет, а доколку парламентарното мнозинство одлучи, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за предвремени или редовни парламентарни избори“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.