На свеченоста по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, одржана во Црква Света Софија, премиерот Христијан Мицкоски порача дека делото на светите браќа претставува „победа на знаењето над покорувањето“ и темел на духовниот и културниот идентитет на словенските народи.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека Кирил и Методиј не создале само писмо, туку овозможиле цели народи да станат рамноправен дел од европската духовна и културна историја. Според него, словото е „паметење, идентитет и духовен дом на еден народ“.
„Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја“, рече премиерот, предупредувајќи дека современото време носи опасност од духовно осиромашување и губење на суштинските вредности.
Тој нагласи дека образованието останува најсилното оружје против сиромаштијата и клучен предуслов за развој на државата, додавајќи дека без образовани генерации „се гради без темели“.
Осврнувајќи се на правосудството и борбата против корупцијата, Мицкоски порача дека трпението за бавната правда е при крај и дека институциите мора да постапуваат побрзо и поефикасно.
Во делот за евроинтеграциите, тој оцени дека државата се соочува со неправедни блокади, но нагласи дека патот кон Европската Унија мора да продолжи со зачувување на националното достоинство и идентитет.
На свеченоста се обратија и претседателот на Македонска академија на науките и уметностите, Живко Попов, како и Епископот Хераклејски г. Климент, кои говореа за значењето на словенската писменост, духовноста и зачувувањето на културното наследство.
Во рамки на одбележувањето, државни делегации положија цвеќе пред споменикот на Светите Кирил и Методиј на Градскиот плоштад во Охрид.