Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска упати порака по повод големиот македонски празник Прочка.
Тој вели дека овој ден нè потсетува на големото значење на простувањето, смирението и човечката блискост.
„Во брзината на секојдневието, често пати забораваме дека вистинската сила е во способноста да покажеме разбирање за потезите на другите и да продолжиме напред со чисто срце. Овие длабоки гестови не се само обичај, туку силна порака дека никој не е безгрешен и дека секој има можност да покаже добрина наместо гнев. Нека овој ден биде поттик да се приближиме едни кон други, да ги надминеме недоразбирањата и да ја зајакнеме вербата во заедништвото. Само со меѓусебна почит и искреност можеме да создадеме посилно и поправедно општество. За многу години!“, напиша Мицкоски.