Синоќешното гласање на новите министри траеше до доцните вечерни часови. Сите успеаја да ги добијат потребните гласови за новата позиција. Опозиционерите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, или гласаа „против“ или пак воопшто не гласаа. Другите пратеници од опозицијата, односно од Беса, Алијанса за Албанците и 8-мината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не гласаа. Собраниските стенограми покажуваат дека тие или не биле присутни, или пак воопшто не го притиснале копчето за гласање. И пратеникот Ферид Мухиќ, иако е дел од мнозинството, единствениот глас „за“ го даде за новиот министер за земјоделство, Трајан Димковски. Беше воздржан од гласање за Насер Нуредини за нов министер за животна средина, а гласаше „против“ Садула Дураку да раководи со новото Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците.
Запрашани зошто не учествуваа во дебатата за новите министри, 8-мината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, за ТВ21 рекоа дека реконструкцијата не е суштинска, па затоа претходно се договориле да не учествуваат. Во однос на негласањето, велат дека за ова не се договарале, туку дека секој одлучувал за себе. Поддршка за новите министри со глас „за“ даде и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. За сите министри гласаше и првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши. Против новите министри гласаше челникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Мендух Тачи од ДПА не присуствуваше на гласањето, исто како и пратеникот и претседател на НДП Весел Мемеди, кој завчера се повлече од парламентарното мнозинство, откажувајќи се и од пратеничкиот мандат. Причината беше одземањето на Министерството за локална самоуправа со кое раководеше Сухејл Фазлиу, а на чело на кое од сега ќе биде Горан Милевски од ЛДП.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ