Службениот министер за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, ги коментираше актуелните односи меѓу Софија и Скопје, нагласувајќи дека патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија директно зависи од почитувањето на постигнатите договори.
„Колку побрзо се реализира европскиот консензус, толку помалку време ќе губат граѓаните на Северна Македонија кои очекуваат земјата да стане членка на ЕУ. Нападите врз бугарските граѓани во РСМ уште еднаш покажуваат колку е важна инклузијата на Бугарите во Уставот и прекинувањето на говорот на омраза“, изјави таа во гостување на БНТ.
Нејнски додаде дека македонската држава мора што побрзо да ги исполни европските барања за да започнат суштинските преговори за членство.
Бугарските власти остануваат на ставот дека без конкретни промени во Уставот на Македонија и без видлив напредок во борбата против говорот на омраза, процесот на интеграција ќе остане во застој. Пораката од Софија е јасна: „Европа ве набљудува“, што укажува на тоа дека секој чекор на Скопје се оценува според усогласеноста со европските вредности и претходно преземените обврски.
