Македонија

МНР засега одобри прием на 750 Авганистанци, неизвесно е кога ќе пристигнат во земјава

Сѐ уште нема најава кога ќе пристигнат бегалците од Авганистан во земјава. Шефот на дипломатијата Османи, вели дека на списокот на МНР се 750 лица, иако од владата рекоа дека се подготвени да згрижат 780.

МВР задолжено за безбедносна проверка на Авганистанците.

–Првите бројки со коишто комунициравме беа барања од страна на меѓународни организации, наши партнери за привремено згрижување на авганистански цивили, жени, деца, луѓе коишто беа во функција на нашата мисија 20 години во Авганистан, мисија за која што ние се гордееме дека бевме заедно со партнерите во овој период. Како се зголемува бројот на барања групата во рамки на Владата прави проценка во која што се имаат предвид сите аспекти и логистички, и безбедносни и здравствени и сите можни аспекти за коишто имаат надлежност институциите коишто се присутни во таа група и врз основа на тоа ги потврдуваме или не ги потврдуваме барањата, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МНР со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од Владата најавија дека земјава има капацитет за прифаќање на околу 1.800 Авганистанци. Според премиерот Заев, земјава ги прифаќа како знак на солидарност и ќе обезбеди нивно згрижување за што како што вели ќе се потрошат 74 илјади денари, додека сместувањето во хотелите и трошоците за транспорт се на странски држави и организации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни