Момче од Македонија утре ќе биде транспортирано од Турција во земјава со владиниот авион, откако при пад од тобоган во Бодрум се здоби со скршеница на вратен пршлен.
Детето е хоспитализирано во Турција, но поради сериозноста на повредата не може да биде пренесено со редовен патнички лет или со копнен превоз. Во тек се последните подготовки за транспортот, откако родителите побарале помош од надлежните институции во Македонија за безбедно враќање на нивното дете.
За превозот ќе се користи владиниот авион, а со момчето ќе патува медицински тим кој ќе ја следи неговата состојба за време на летот. Турските здравствени власти одобрија транспорт по воздушен пат наместо со медицинско возило.
По барање на родителите, Фондот за здравствено осигурување го одобри транспортот, а одлуката ја поддржаа и Министерството за здравство и Владата.
По пристигнувањето во Македонија, момчето ќе го продолжи лекувањето во домашна здравствена установа.