Теорија на заговор што датира од Студената војна, според која зголемените нарачки на пица во близина на Пентагон се сигурен знак за претстојна геополитичка криза, повторно добива на популарност на интернет. Позната како „Пентагонскиот мерач на пица“, оваа теза сугерира дека кога американските безбедносни служби се премногу зафатени, тие нарачуваат пица, а скокот во испораките е индикатор за криза.
Основата на теоријата е едноставна: кога персоналот во Пентагон, Белата куќа или ЦИА работи на сериозна криза, тие не можат да ги напуштат своите канцеларии за да јадат. Како најбрзо решение за храна, тие нарачуваат пица, па оттука, ненадејниот пораст на испораките на пица во Вашингтон би можел да сигнализира непосредна воена или политичка акција.
Теоријата своите корени ги влече од Студената војна, кога советските разузнавачи наводно ги следеле испораките на пица за да ја измерат будноста на американските власти. Сепак, таа стана позната во 1990 година, кога Френк Микс, сопственик на франшиза на „Доминос“ во Вашингтон, забележал огромен пораст на нарачки до зградите на ЦИА на 1 август – само неколку дена пред инвазијата на Кувајт од страна на Ирак, што ја започна Заливската војна.
Микс подоцна изјавил дека сличен скок на нарачки имало и во декември 1998 година, за време на сослушувањата за импичмент на претседателот Бил Клинтон. Теоријата се покажа како „точна“ и во поново време. На 13 април 2024 година, биле забележани невообичаено високи нарачки за пица од Пентагон и Белата куќа, истиот ден кога Иран лансираше беспилотни летала кон Израел.
Во ерата на социјалните медиуми, теоријата стана вирална, а онлајн детективите редовно ги следат пицериите околу Пентагон преку „Гугл мапс“. На 1 јуни 2025 година, корисник на платформата „Х“ објави: „На помалку од еден час до затворање, Доминос, најблиску до Пентагон, доживува невообичаено голема посетеност“. Неколку часа подоцна, тензиите меѓу Израел и Иран повторно ескалираа.
И покрај овие анегдотски докази, експертите се согласуваат дека „Пентагонскиот мерач на пица“ тешко може да се смета за сигурен геополитички индикатор и дека не е утврдена дефинитивна корелација меѓу нарачките на пица и глобалните кризи.
Сепак, уште во 1990 година, дописникот на Си-ен-ен од Пентагон, Волф Блицер, напиша: „Заклучок за новинарите: Секогаш следете ги пиците“. Можеби се работи само за шега, но можеби е време Пентагон да го диверзифицира своето мени за нарачки.
