Можно е укинување во 2020-та година? Не е точно дека не се потребни визи за Германија

Не е точно дека нема да бидат потребни работни или туристички визи од први јануари 2019 година за престој во Германија. По бројните прашања токму на оваа тема од нашите гледачи, ваков одговор добивме од страна на германската амбасада во Скопје.

„Известувањата за нов закон што ќе влезе во сила од 1.1.2019 г. и на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им овозможи да се вработат во некоја ЕУ-држава под истите услови како граѓаните на земјите-членки на ЕУ, не се точни. На граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ потребна им е како досега, така и по 1.1.2019 година, валидна работна виза во Германија“ – Амбасада на Германија во Скопје.

Разговаравме и со дел од граѓаните кои аплицирале за германска виза. Поради големиот интерес некои чекаат и половина година. На некои им бараат познавање на германскиот јазик, на некои не, зависно за каква работа ќе бидат ангажирани.

Во однос на визите, според информациите кои ги добиле очекуваат во 2020-та година да се усвои законот со кој ќе има олеснување и нема да бидат потребни визите.

Граѓанин: Тоа не беше официјално. Не е вистина. Да ни бараат. Два месеци. Тука не, зависи таму што ќе бараат. Неофицијално од почеток на 2020 –та треба да биде без термини.

Граѓанин: Колку што сум запознаен не е точно, од амбасадата изјавија дека не е точно. Првпат ми е, ама чекам четири месеци. Лесно е да се добие само да се најде работа. Кај мене не е потребно.

Граѓанин: Мислам дека да. Да треба да се има познавање на германски јазик.Треба да се има официјален сертификат. Два и пол месеци.

За засилување на стручниот кадар, германската влада во декември минатата година усвои нов закон со кој се ублажени критериумите и поедноставени процедурите за работници кои не се ниту Германци, ниту пак од земјите од ЕУ. Сепак, овој предлог закон помина само на владина седница. Допрва треба да се расправа во германскиот парламент.

Сепак, иако има спротивставени мислења и ставови помеѓу германските политичари, се очекува законот да биде усвоен и во парламентот. Дури тогаш, доколку помине во германското собрание треба официјално да стапи на сила, а според најоптимистичните очекувања тоа би се случило на почетокот од 2020 година.

Законот за кој имало спротивставени мислења скоро три децении, предвидува при вработувањето да биде пресудна само квалификацијата од која има потреба  работодавецот, а не и од каде доаѓа. Ако до сега имаше туристичка виза од три месеци сега се зголемува на шест, но без да биде социјално зависен од Германија, со цел да се добие можност за вработување.

Што се однесува до бегалците кои не добиле азил, но не се ни депортирани, ќе можат исто така да добијат виза, доколку плаќале 18 месеци данок, знаат добро германски, а ќте треба да останат и во следните две и пол години во земјата. Но, за овој закон допрва ќе се дебатира во германското собрание.

РЕПОРТЕР: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА

Извор: ТВ21