МТЕЛ Скопје го зголеми основниот капитал на речиси 17 милиони евра

МТЕЛ Скопје, во целосна сопственост на „Телеком Србија“, го зголеми основниот капитал на компанијата на 16.769.587 евра. Ова следи по одлуката за измена на актот на друштвото донесена на 15 јули 2025 година, која деновиве беше регистрирана во Централниот регистар.

Со новото зголемување, целосниот уплатен паричен влог на МТЕЛ изнесува речиси 17 милиони евра. Компанијата останува со ист основач и сопственик – Претпријатието за телекомуникации „Телеком Србија а.д. Белград“, со седиште на улица „Таковска“ бр.2 во Белград, Србија.

Уписот на промената е одобрен од Централниот регистар на 23 јули 2025 година, а пријавата за промена е поднесена електронски два дена претходно.

Со оваа промена МТЕЛ дополнително го зацврстува своето присуство на македонскиот телекомуникациски пазар, каде што компанијата веќе неколку години активно работи со мобилни и интернет услуги.