МВР ја „чува“ екс министерката Јанкулоска – Груевски во Будимпешта, соработниците се соочуваат со затвор

За жителите од улица Димче Мирчев број 20 секојдневие се полициските возила, бидејќи на само 10тина метри се наоѓа седиштето на Министерството за внатрешни работи. Но, од вчера околу нивната зграда постојано има екипи кои го „чуваат“ теренот. Тоа е така бидејќи за сосетка ја имаат екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска која доби правосилна четиригодишна затворска казна.

„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска. Кога ќе добиеме соодветна наредба од судот, ќе постапиме по истата. За сите други информации надлежен е судот.“, велат од МВР.

Се проверува секое возило на двата излези од зградата каде што живее Јанкуловска. Се проверуваат лични документи на патниците и гепекот.

Откако утринава дел од медиумите објавија дека Јанкуловска се давал во бегство, таа со фотографија се јави на социјалната мрежа Фејсбук, потенцирајќи дека нема место за спектакли.

„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството“.

На „Фејсбук“ со реакција се јави и екс-техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Вели дека со Јанкуловска имал одлична соработка и дека таа била одговорна личност која МВР го водела исклучиво во согласност со законите.

„Конретниот судски случај и денешната одлука е уште една форма на политички притисок насочена кон заплашување на вработени и поранешни функционери во Министерството за внатрешни работи. Давам силна и искрена поддршка за Гордана Јанкуловска да истрае во овие моменти и уверен сум дека ќе дојде време кога вистината за нејзината работа ќе излезе на виделина.“, напиша Чулев.

Гордана Јанкуловска заедно со Миле Јанакиевски беа едни од најблиските луѓе по доаѓањето на Никола Груевски на врвот во ВМРО-ДПМНЕ. Од предметите на СЈО, каде најголем дел обвинети се од тогашната владејачка партија, Јанкуловска е прва која треба да влезе во затвор, а Јанакиевски секој ден е во судница.

Судиите од Врховен кои ја донесоа одлуката сега треба да напишат образложение, а потоа работата ја презема Кривичен каде што осудената има право да бара одлагање доколку исполнува некоја од 8-те точки предвидени со закон. Потоа на одлуката на судијата законот дава право на жалба пред кривичен совет со што целата постапка може да потрае неколку недели.

Јанкуловска одговараше за злоупотреба на службената положба, под влијание на Груевски го поттикнала Поповски да направи незаконски тендер со кој ќе фаворизира купување на луксузен мерцедес. Груевски беше обвинет за поблаго кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното