Македонија

МВР: Криминалитетот на најниско ниво во последните 20 години, вкупниот пад изнесува 30%

МВР: Криминалитетот на најниско ниво во последните 20 години, вкупниот пад изнесува 30%

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во изминатите две години се постигнати значајни резултати во борбата против криминалот, при што, според институцијата, криминалитетот во државата е сведен на најниско ниво во последните две децении.

Од МВР наведуваат дека вкупниот криминалитет е намален за 30 проценти, додека ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители достигнала 69 проценти.

Во делот на организираниот криминал, полицијата информира дека биле сузбиени повеќе од 30 организирани криминални групи, а бројот на разбиени групи поврзани со корупција е зголемен за 50 проценти.

Во борбата против недозволената трговија со дрога, според податоците на МВР, биле откриени повеќе од 1.600 кривични дела, пријавени околу 1.900 сторители, а запленети се 6,2 тони наркотична дрога. Дополнително, биле спречени девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, додека заплените на кокаин се зголемиле за повеќе од 300 проценти.

Од Министерството посочуваат и дека имотниот криминал е намален за повеќе од 30 проценти, а бројот на разбојништва и разбојнички кражби е намален за над 40 проценти, што, како што оценуваат, придонесува за поголема безбедност на граѓаните и локалните заедници.

„Ова не се само статистички показатели. Зад секоја бројка стои спречено кривично дело, разбиена криминална мрежа, спасен човечки живот, заштитен имот и поголема безбедност за граѓаните“, наведуваат од МВР.

Во соопштението Министерството упати благодарност до полициските службеници за нивната професионалност, пожртвуваност и посветеност, нагласувајќи дека борбата против криминалот ќе продолжи со исто темпо, а безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни