
МВР излезе со детали за утринските полициски акции во повеќе места во Скопје, односно во Ѓорче Петров, Арачиново, Грчец, Чаир, Визбегово, Бардовци, Студеничани и Центар. Притоа се уапсени вкупно 12 лица. МВР потврди дека дел од оваа банда се поврзани со нападот во „Александар Палас“.
„Со почеток во 5 часот, СВР Скопје во соработка со управата за сузбивање тежок криминал, спроведе координирана полициска акција кон можни членови на криминални групи. По судски наредби, извршени се претреси на 34 локации кај вкупно 32 лица. При претресите пронајдени и одземени се патнички моторни возила, пиштоли, пушки, рамки за муниција, куршуми, панцирни елеци, преносни компјутери, мемориски стикови, опрема за видео надзор, мобилни телефони, пари во различни апоени, прашкаста материја, предмети со остатоци од прашкаста материја. Од слобода се лишени најпрво 10 лица. Во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода уште две лица. Дел од оваа банда се поврзани со нападот во Александар Палас“, рече Сузана Прањиќ Талевска, началник на одделение за информации од јавен карактер.