Македонија

МВР викендов казни над 1.300 возачи – најмногу за брзо возење

МВР викендов казни над 1.300 возачи – најмногу за брзо возење

Засилените сообраќајни контроли што Министерството за внатрешни работи ги спроведе во текот на изминатиот викенд резултираа со повеќе од 1.300 издадени платни налози за различни прекршоци на патиштата низ државата. Најголем дел од санкциите се однесуваат на непочитување на дозволената брзина на движење.

Според информациите од МВР, вкупно биле издадени 1.355 платни налози, од кои 412 за возачи кои возеле побрзо од дозволеното.

Во рамки на контролите, поради безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 38 лица. Од нив, шестмина управувале под дејство на алкохол, 14 возеле без возачка дозвола, а четворица го прекршиле претходно изречениот судски или административен запрет за управување со возило. Дополнително, согласно член 300-б од Кривичниот законик, одземени биле 14 возила.

Полициската статистика покажува дека викендов биле евидентирани и 212 прекршоци за неправилно паркирање, како и 70 санкции за возење под дејство на алкохол.

Во рамки на контролите, казнети биле и 78 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, како и 108 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.

Покрај тоа, од сообраќај биле исклучени 15 нерегистрирани возила и уште осум поради техничка неисправност. Санкционирани биле и тројца возачи кои не ги исполниле законските услови за затемнување на стаклата на возилата.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни