Побрза институционална реакција при закани, напади и вознемирување на новинарите, вклучително и преку интернет, треба да овозможат новоформираниот Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите и мрежата на контакт-точки во рамки на Министерството за внатрешни работи.
Комитетот беше формиран денеска, а на неговиот прв состанок министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, порача дека новиот механизам е дел од активностите за унапредување на медиумските слободи и безбедноста на новинарите, во согласност со препораките на Советот на Европа.
„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека нападите врз новинарите поради нивната професионална работа не се насочени само кон нив лично, туку претставуваат и напад врз правото на јавноста да биде информирана.
Покрај националната контакт-точка, МВР воспостави контакт-точки во сите сектори за внатрешни работи, како и посебна точка за сајбер безбедност. Целта е да се воспостави побрза комуникација и поефикасно постапување во случаи на закани, напади и онлајн-вознемирување на медиумските работници.
Тошковски нагласи дека безбедноста на новинарите не може да биде обврска само на полицијата, туку е потребна координација меѓу МВР, обвинителството, судството, новинарските организации и другите надлежни институции.
Во однос на новоформираниот механизам, од Делегацијата на Европската Унија претходно предупредија дека институционалната заштита на новинарите мора јасно да се разграничи од какво било политичко влијание врз уредничките одлуки и новинарската работа.
Од Делегацијата оценија дека формирањето координативно тело предводено од Владата, во кое мнозинството членови се претставници на државните институции, само по себе не значи загрозување на независноста на медиумите. Сепак, нагласија дека механизмот не смее да се користи за мешање во уредувачката политика или во професионалните активности на новинарите.
Според нив, институциите имаат обврска да ги штитат новинарите од закани, заплашување и насилство, но и да обезбедат ефикасно истражување на нападите и кривично гонење на сторителите.
„Таквиот механизам никогаш не смее да стане средство за политичко влијание врз уредничките одлуки или врз новинарските активности“, порачаа од Делегацијата на ЕУ.