На Боб Дилан ќе му се суди за силување малолетничка

На музичарот Боб Дилан ќе му се суди во Њујорк, откако една жена го обвини дека сексуално ја нападнал кога таа имала само 12 години.

Како што вели, овој настан се случил пред речиси 60 години.

Во тужбата поднесена кон крајот на минатата седмица од тужителката Џ.Ц. се вели дека Дилан го злоставувал девојчето во период од шест недели, меѓу месеците април и мај 1965 година.

Во тужбата се додава и дека сега веќе 80-годишниот Дилан „го искористил својот статус како познат музичар за да ја снабди Џ.Ц. со алкохол и дрога и постојано ја напаѓал сексуално“.

Тој, исто така, е обвинет и за физичка закана кон девојчето.

Според наводите, наводната злоупотреба се случила во станот на Дилан во познатиот њујоршки хотел „Челзи“, а неговиот адвокат, Роберт Цимерман, во изјава за „Ју-ес-еј тудеј“, изјави дека „обвинението старо 56 години е невистинито и енергично ќе биде побиено на суд“.

Инаку, Боб Дилан се смета за еден од најголемите текстописци на сите времиња, а негови најзначајни дела се „Blowin’ In The Wind“, „The Times They Are Changin“ и „Like a Rolling Stone“.

Тој има освоено и Нобелова награда за литература за 2016 година, за „создавање нови поетски изрази“ во рамките на големата традиција на американска песна.