На локалните избори кои треба да се одржат втората половина од октормври, дел од граѓаните ќе може да гласаат и со нивните истечени лични карти, најави денеска премиерот Зоран Заев.
„Законот е блокиран од Левица со амандмани, иако политичката партија БЕСА беше доволно флексибилна амандманот за етничката определба на граѓаните во личните карти да го поднесе со одложено дејство од 2023 година, очекувајќи Европа да се изјасни за ова прашање. За мене ова е флексибилност на една сериозна партија како БЕСА, но Левица одлучи да го блокира законот. За жал поради ваквата блокада трпат граѓаните. Не се издадени преку 40.000 лични карти. Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е министерот за правда, заедно со другите надлежни ресори, да изнајдат начин, директно со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа. Верувам дека ќе се изнајде решение зошто и во минатото сме имале пракса, поради неможност да се издаде нова, да може да се гласа со личната карта со истечен рок. Но, проблемот не е само за изборите. Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки на чии сопственици им е истечен рокот на личната карта па граѓаните не можат да земат пензија, социјална помош и други потреби“, изјави премиерот Зоран Заев.
Вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за ТВ21 рече дека не фалат обрасци за лични карти, системот е добар, само треба да се изгласа Законот за лични карти.
„Не обвинувам, само ги повикувам тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата, да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да бараме излезно решение за да граѓаните ги остварат своите права“, изјави Спасовски.
Овој проблем на граѓаните беше разгледуван и на последната Владина седница.
„Ги задолживме економските ресори да се изнајдат начини за да се стави целосно во функција животот на граѓаните на кои им е истечена личната карта или вадат лична карта по првпат. Верувам дека ќе најдеме решенија во најбрз можен рок и јавно ќе ги соопштиме“, додаде Заев.