На Косово од денеска полициски час, одложен и стартот на учебната година

Владата на Косово донесе нови мерки со цел сузбивање на пандемијата на коронавирус, со што воведе полициски час во текот на ноќта, од 22 часот до 5 часот наутро, од денеска.

Исто така, се одложува почетокот на новата учебна година за 13 септември.

Според новата одлука на Владата, угостителските објекти ќе бидат отворени до 21.30 часот, а услугите ќе се даваат само на отворено.

Сите јавни и приватни институции треба да работат со основниот персонал до 13 септември.

Сите граѓани кои влегуваат во Косово на граничните премини мора да имаат доказ за вакцинација против коронавирус, ПЦР тест извршен во последните 72 часа или серолошки тест не постар од 30 дена.

Премиерот на Косово, Албин Курти (Албин), рече дека се преземаат мерки против пандемијата во согласност со епидемиолошката состојба во земјата.

– Сега, кога ситуацијата се влоши, ние сме должни да преземеме рестриктивни мерки насочени кон што е можно поскоро запирање на растот на бројот на заразени. Должни сме да го одложиме почетокот на новата учебна година – рече Курти.