На наддавање одат записи од „Општата теорија на релативноста“ на Ајнштајн – еве колку се проценети

Аукциската куќа „Кристи’с“ соопшти дека еден од работните записи на Алберт Ајнштајн за „Општата теорија на релативноста“, ќе биде понуден на аукција.

Овој запис е проценет на 2 до 3 милиони евра, а наддавањето ќе се одржи на 23 ноември.

„Ова е, несомнено, највредниот ракопис на Ајнштајн, којшто некогаш бил понуден на аукција“, се вели во соопштението.

Се работи за оригинален ракопис на 54 страници, составен во Цирих, во 1913 и 1914 година, од познатиот физичар Ајнштајн и неговиот соработник и пријател Мишел Бесо, швајцарско-италијански инженер.

Токму поради Бесо, ракописот е всушност зачуван, односно Ајнштајн кој го сметал за обичен работен ракопис, немал намера да му посвети внимание.

По основната „Теорија на релативноста“ од 1905 година (со формулата Е = mc2), Ајнштајн 1912 година почна да работи на „Општа теорија на релативноста“. Ајнштајн и Бесо се справија со проблеми што ја мачеа научната заедница со десетлетија – аномалии во орбитата на Меркур, на пр. И, тие успеаа да ја решат таа загатка, потсеќа „Кристи’с“.

Друг добро познат документ од тој период, познат како „Бележникот од Цирих“, од крајот на 1912 и почетокот на 1913 година, денес е во архивата на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Израел.