Македонија

На прославата за 35 години независност се појави знаме со повеќе краци од државното

На прославата за 35 години независност се појави знаме со повеќе краци од државното

Во Охрид вечерва на стадионот „Билјанини извори“, се одржа големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, настан организиран за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија. Но, покрај богатата уметничка програма и емотивниот почеток на турнејата, вниманието на јавноста го привлече неочекуван симболичен и законски пропуст – појавата на знаме кое не соодветствува со официјалното државно знаме.

Настанот, во режија на Дејан Пројковски, беше замислен како современо сценско патување кое, низ музика, театар и поезија и треба да ја раскаже приказната за една млада држава, нејзините успеси, загуби, пресврти и генерации. Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи ја подигнаа атмосферата, пренесувајќи ја емоцијата од сцената до многубројната публика.

Охрид, како град со вековна културна меморија, беше избран за почетна точка на ова патување кое во следните недели ќе посети 11 македонски градови, со завршница во Скопје на 4 септември.

Пропуст во сценографијата или непочитување на Законот?

Сепак, на фотографиите од настанот и во директниот пренос на МРТ1, се појави елемент кој предизвика дебата. На дел од сценографијата и видео-бимовите, како и во самата публика, можеше да се забележи симбол со сончеви зраци кој наликува на знаме, но има значително повеќе краци од официјалното 8-крако македонско државно знаме.

Според Член 4 од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија, државното знаме може да се употребува само во формата и содржината што се утврдени со закон и во него не смее ништо да се менува. Дополнително, Член 3 децидно налага дека симболите мора да се употребуваат на начин со кој не се нарушува угледот и достоинството на државата.

Казни до 5.000 евра за организаторите и одговорните лица

Овој случај го отвора и прашањето за правната одговорност при организација на вакви големи манифестации. Според Член 30 од истиот закон, за употреба на знамето во поинаква форма и содржина од пропишаната се предвидени високи парични глоби:

  • 4.000 до 5.000 евра за правното лице кое организира или употребува модифицирани симболи.
  • 1.500 до 2.000 евра за одговорното лице во правното лице, државниот орган или установата.
  • 1.500 до 2.000 евра за лицето одговорно за организацијата на јавниот собир.
  • Покрај глобата, Член 31 предвидува и задолжителна мерка одземање на предметите со кои е извршен прекршокот.

На фотографиите и од преносот јасно се забележуваат елементите каде краците на сонцето се деформирани или умножени во однос на официјалниот дизајн.

Како правилно изгледа македонското знаме:

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни