На скопскиот аеродром слета еден од најсовремените патнички авиони

Еден од најмодерните патнички авиони во светот, Ербас А350, денеска за првпат слета на Меѓународниот Аеродром Скопје. Како што соопштија од аеродромот, авионот пристигнал на редовната утринска линија на „Туркиш Ерлајнс“ од Истанбул, пишува СДК.МК.

Слетувањето на А350 носи и симболичко значење, бидејќи со него допатуваа млади спортисти и делегации кои ќе учествуваат на Европскиот младински олимписки фестивал EYOF 2025, што почнува на 20 јули во Скопје.

Попладнево, во главниот град пристигна и уште еден широкотрупен авион, овојпат на етиопската авиокомпанија „Етиопијан Ерлајнс“, од типот Боинг 787 – Дримлајнер, кој донесе спортисти од Париз. Со капацитет од 270 седишта, авионот е дел од вонредните летови организирани за фестивалот.

„Туркиш Ерлајнс“ го користи Ербасот А350, авион кој најчесто се ангажира за долги прекуокеански дестинации. Сместува 32 патници во бизнис класа и 297 во економска класа. Следниот лет на овој тип авион кон Скопје е најавен за 27 јули.

Иако Скопскиот аеродром нема инфраструктура за редовно прифаќање на големи авиони како А350, А330 или Б747, ова не е првпат тие да слетаат. Во минатото, посебно за време на косовската криза во 1999, слетуваа воени и хуманитарни летови со Ц-5 Галакси и Б747, превезувајќи голем број бегалци и воена опрема.

На 19 јули (сабота), беше забележан зголемен авионски сообраќај, бидејќи во Скопје пристигнаа повеќе од десетина чартер летови поврзани со олимпискиот фестивал.

EYOF 2025 ќе го донесе спортскиот дух во Скопје, со учество на околу 4.000 млади спортисти од 50 држави, кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.