Повеќе од 150 милиони деца во источна и јужна Африка се погодени од сиромаштија и климатски катастрофи, се вели во извештајот објавен во четвртокот од добротворната организација Save the Children.
Јужен Судан е на врвот на листата на источни и јужноафрикански земји кои најверојатно ќе се соочат со двојна закана, со 87% од децата погодени, следен од Мозамбик со 80% и Мадагаскар со 73%. Ова се податоците според извештајот насловен „Генерација надеж: 2,4 милијарди причини за ставање крај на глобалната климатска криза и нееднаквост“.
Доколку не се преземат итни мерки против климатската криза и нееднаквоста, зачестеноста и сериозноста на хуманитарните кризи и кризите со трошоците за живот може да се зголемат, предупредуваат од „Спасете ги децата“.
Ивон Арунга, раководител на Save the Children на Кенија и Мадагаскар, рече дека „климатската вонредна состојба и нееднаквоста не можат да се решат изолирано една од друга бидејќи се меѓусебно поврзани“.
„Ваквите кризи ги туркаат луѓето подлабоко во страшна сиромаштија и оставаат милиони луѓе уште поранливи на следната поплава или суша.
Најмалку 16,3 милиони деца во Кенија, или 67% од децата во земјата, живеат со двојното влијание на сиромаштијата и климатските вонредни состојби.