Македонија

Над 200 предлози за културната програма на „Скопје 2028“, финалната верзија до крајот на ноември

Над 200 предлози за културната програма на „Скопје 2028“, финалната верзија до крајот на ноември
Фото: Ј.Пауноски / 4news.mk - чад над Скопје

Повеќе од 200 предлози и препораки пристигнале до Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ во рамки на јавните расправи за подготовка на Културната програма за 2028 година.

Од Фондацијата информираат дека сите пристигнати предлози ќе бидат внимателно разгледани, а оние што придонесуваат за подобрување на програмата ќе бидат вклучени во нејзината конечна верзија.

На четирите јавни расправи, одржани на 18 и 19 ноември, учествувале претставници на културните институции, локалната самоуправа, академската заедница, независната културна сцена, уметници, културни работници и млади.

Оперативниот директор на Фондацијата, Звонко Наумоски, ги презентирал визијата, концептот и програмските приоритети, по што учесниците ги споделиле своите идеи, забелешки и очекувања.

„Работната верзија не е завршен документ. Затоа ја отворивме за јавна расправа: секоја забелешка и секој предлог ни помага програмата да биде поквалитетна и поблиску до потребите на граѓаните, уметниците и институциите“, изјави првиот човек на Фондацијата, Марјан Цветковски.

На расправите било разгледано и прашањето за посебната законска рамка за реализација на проектот. Културната програма ќе се реализира преку јавни повици со прецизно утврдени правила, а оценувањето на проектите ќе го вршат европски евалуатори според професионални критериуми.

Целта е преку активно учество на културната заедница да се создаде програма што ќе ги обедини креативноста, културниот потенцијал и различноста на Скопје, отворајќи простор за нови идеи и меѓународна соработка.

Конечната верзија на Културната програма се очекува да биде подготвена до крајот на ноември, по што ќе биде објавена на официјалната интернет-страница skopje2028.mk.

Ноќно студио

Најнова епизода

🔴 ВО ЖИВО | Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни