Најавено враќањето на популарната група „АББА“

Познатата шведска поп – група „АББА“ се чини дека подготвува големо изненадување за обожавателите.

Имено, на социјалната мрежа Твитер се појави корисник под името „ABBAVoyage“, а се појави и интернет-страна со истото име.

„Придружете ни се“, гласи твитер-објавата што ги повикува обожавателите да бидат „први што ќе слушнат“ повеќе за „АББА Војаж“.

ДПА јавува дека Агенцијата за односи со јавноста ЗАП-ПР ја потврдила автентичноста на интернет-страницата, а според шпекулациите изненадувањето може да биде нова песна, нов албум, или пак, нова турнеја.

Составот сочинет од Агнета Фалцког, Ани-Фрид Лингштад, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон снимаа нови материјали во 2018 година, кои сѐ уште не се објавени.