Вистинската причина за смртта на белиот кит Хвалдимир, за кој се тврди дека бил „руски шпион“, била стап заглавен во неговата уста, а не прострелна рана, објави денес „Гардијан“, повикувајќи се на извештај на норвешката полиција.
Безживотното тело на китот, по име Хвалдимир, што е комбинација од норвешкиот збор за кит и првото име на рускиот претседател Владимир Путин, беше пронајдено на 31 август од татко и син кои ловеле риба во заливот Рисавика на југот на Норвешка.
Норвешката полиција отвори истрага откако две групи за заштита на животните поднесоа жалба во која се наведува дека животното било убиено, но полицијата не пронашла докази дека човечката активност довела до смрт на Хвалдимир.
Во соопштението се наведува дека причина за инцидентот е стап од 35×3 см заглавен во устата на китот, а повредите биле површни. Дополнително, од заклучокот произлегува дека стомакот на животното бил празен и дека повеќето органи биле оштетени.
Врз основа на резултатите од обдукцијата, натамошната истрага за смртта на китот е прекината, а полицијата најави дека за две недели ќе го објави целосниот извештај.
Китот Хвалдимир првпат беше забележан во април 2019 година на крајниот север на Норвешка. Носеше појас, на чија тока имаше лого со натпис на англиски јазик „Санктпетербуршка опрема“. Норвешка и Русија делат поморска граница на Арктикот, што доведе до шпекулации дека китот наводно е руски шпион. Во мај 2023 година, Норвешката управа за риболов издаде предупредување да се избегне приближување до китот за да се спречи да се повреди при контакт со чамци.
Од појавувањето на китот, неколку организации понудиле да го фатат и да го затворат во фјорд или да го стават во аквариум, но не добиле дозвола за тоа.