Највисоката дневна температура денеска е измерена во Скопје-Петровец, Велес и Демир Капија, каде живата во термометарот достигна 19 степени. Температура од 18 степени е измерена во Струмица, Штип, Кавадарци и Виница, додека 17 степени се регистрирани во Тетово и Гевгелија.
Во Крива Паланка и Битола се измерени 16 степени, во Охрид 15, а во Берово, Претор и Прилеп 14 степени. Најниски дневни температури се измерени во планинските места – 11 степени во Лазарополе, 10 во Крушево и Маврови Анови, додека најстудено било на Попова Шапка со 4 степени.
На Попова Шапка е измерена и снежна покривка од 52 сантиметри.
Според метеоролошките информации, денеска времето беше сончево со мала до умерена облачност, која попладне на повеќе места се зголеми. Дуваше слаб до умерен ветер од југоисточен правец. До крајот на денот се очекува ведро време со мала до умерена облачност, а долж Повардарјето ќе продолжи да дува слаб до умерен ветер од југоисток.
Утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а на одредени места ќе има услови за локални слаби врнежи од дожд. Минималната температура ќе се движи од -3 до 4 степени, додека максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје претпладне ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1 степен, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови се очекува променливо облачно време. Во вторник и во среда претпладне ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои на некои места ќе бидат пообилни. Во среда и четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од источен и североисточен правец, а дневните температури ќе имаат тенденција на опаѓање.
