Наместо во Турција, заврши во рацете на полицијата: Половина тон марихуана запленета на „Богородица“

Во специјално направен бункер во горниот дел од камионот марка ТАМ, 46-годишниот возач од Скопје имал намера преку граничниот премин Богородица, да пренесе 515 килограми марихуана. Синоќа натоварен тргнал од Скопје кон Турција, но патот му завршил на граничниот премин кога бил уапсен од полицијата.

Во координација со Оснвоното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција марихуаната чија вредност се проценува на над милион евра е запленета.

Се вчитува...

„При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен. Во рамките на криминалистичкото истражување утврдено е дека во текот на ноември и декември, Д. С. (33) од Скопје набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до територијата на Турција.“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Сопственикот на марихуаната, парично го ангажирал возачот кој претходно заминал во Турција каде што му го направиле бункерот. Според Ангеловски, денеска по претходна наредба од Основен суд Скопје 1 бил извршен претрес во домот на Д.С од каде што полицијата запленила возило Рено Меган со соодветна документација и телефони. Според МВР во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава.

Во мај годинава на истиот граничен премин царината заплени 130 килограми марихуана во вредност од околу 400 илајди евра. Во 2018 година, билансот на македонската царина бележи околу еден тон марихуана која требало да транзитира низ Македонија.

Репортер: Катерина Дафчева

Извор: ТВ21