Хуманитарната организација на супермоделот Наоми Кембел е под истрага иницирана од телото за надзор на хуманитарни организации поради сомневање дека имало голем број прекршувања на прописите кои се однесуваат на управувањето со организацијата и нејзините финансии.
Кембел ја лансираше Fashion for Relief во 2005 година за да им помогне на децата ширум светот кои живеат во сиромаштија, што собра милиони долари низ годините за организирање на бројни модни ревии.
Комисијата сега испитува дали Наоми и нејзините соработници ги „исполниле своите законски обврски и одговорности“ и ќе анализира дел од плаќањата направени од самата организација.
Според „Гардијан“, хуманитарната организација допрва треба да го објави финансискиот извештај за 2020 година, што е доцнење од цели 178 дена, стои во онлајн-регистерот на Советот на хуманитарни организации.
Fashion for Relief со години организира раскошни модни ревии за да собере пари за своите партнерски добротворни организации. Потоа, во 2019 година, тие соработуваа со градоначалникот на Лондон, Садик Кан, за да обезбедат образование за децата и младите со ниски приходи, а таа година беше организирана гала вечера во Британскиот музеј.
На официјалната веб-страница на организацијата не е наведено колку пари се собрани по тој повод.
Според најновите пријавени податоци, Fashion for Relief собра 1.722.000 фунти до јули 2019 година, главно преку спонзорства. Податоците покажуваат дека дури 1.606.000 фунти од собраните пари биле наменети за организирање модни и хуманитарни настани, односи со јавноста и слични услуги, а само 5.515 фунти всушност биле потрошени за добротворни цели.
Податоците од истата година, исто така, покажуваат дека за нивните услуги им биле исплаќани големи суми на повереници. Хелмих на тој начин добила 77 илјади фунти за нејзините консултантски услуги, а 15.942 фунти за патни трошоци. Една година претходно, организацијата потрошила 107.000 фунти за исплати на доверители и 23.000 фунти за патни трошоци.
