Четири лица се пренесени во болница откако биле избодени со остар предмет во центарот на Лондон во средата, а полицијата на лице место уапсила 47-годишна жена.
Инцидентот се случил нешто по 12:30 часот по локално време на улицата „Ендел“, во близина на популарната туристичка локација Ковент Гарден.
Лондонската сообраќајна и градска полиција (Метрополитен) соопшти дека полициските службеници веднаш реагирале на пријавите за повеќе избодени луѓе и брзо ја лишиле од слобода осомничената жена. Полицајците на местото на настанот пронашле ножици, а според првичните сознанија, се верува дека станува збор за инцидент поврзан со нарушено ментално здравје.
Брза реакција на итните служби
Лондонската служба за итна медицинска помош испратила повеќе екипи, возила за брза реакција и медицински хеликоптер.
„На лице место згриживме четири пациенти и сите со приоритет ги транспортиравме во голем трауматолошки центар“, се наведува во соопштението на Итната помош.
Полицијата го огради реонот додека форензичарите вршеа увид, а инспекторите разговараа со очевидците. Од Метрополитен полицијата подоцна појаснија дека две од жртвите се задржани во болница со повреди кои не се опасни по живот, додека другите две лица во меѓувреме се пуштени на домашно лекување.
Осомничената жена е уапсена под сомнение за поседување напаѓачко оружје и за напад.
Полицијата уверува: Нема дополнителна опасност за јавноста
Главниот суперинтендент Џејсон Стјуарт изјави дека полициските екипи пристигнале на местото за само неколку минути по добивањето на повиците.
„Иако истрагата е во рана фаза, сакаме да ја увериме јавноста дека веруваме оти ова е изолиран инцидент поврзан со ментално здравје и дека не постои дополнителна закана за граѓаните“, истакна Стјуарт.
Тој додаде дека засиленото полициско присуство во тој дел од градот ќе остане сè додека трае прибирањето докази на терен.