Наследниците на последниот италијански крал сакаат да им се врати накитот од државата

Наследниците на последниот италијански крал, Умберто Втори, го поднесоа своето прво официјално барање за враќање на семејниот накит, кој се чува во трезорот на Народната банка на Италија.

Накитот на династијата Савој се проценува на околу 300 милиони долари. Семејната колекција вклучува 6.000 дијаманти и 2.000 бисери вградени во дијадеми, обетки, брошеви и ѓердани. Семејството во ноември упатило неофицијално барање за враќање на накитот, но тоа било одбиено од Националната банка на Италија.

„Италија мора да го врати она што му припаѓа на моето семејство. Нас не интересира паричната вредност на накитот. Поважна е нивната историска и сентиментална вредност за семејството. Италија е единствената република која не ја враќа приватната сопственост на поранешното монархиско семејство. Дури и Русија и Југославија им го вратија имотот на своите монарси, изјави принцот Емануеле Филиберто, внук на Умберто Втори, за британскиот весник „Телеграф“.

Италијанците гласаа за укинување на монархијата во јуни 1946 година, фрустрирани што кралот го поддржал диктаторот Бенито Мусолини. По референдумот, кралското семејство живеело во егзил во Португалија. На мажите во семејството им беше забранет влез во Италија до 2002 година, кога парламентот им дозволи да ја посетат земјата како обични граѓани. Умберто II, чија сестра Јована Савојска беше сопруга на цар Борис III, почина во 1983 година.

Според весникот „Кориере дела сера“, кралското семејство ќе поднесе тужба против државата за да си го врати накитот.