Русија е целосно одговорна за овој конфликт и светот мора да го осуди. Ова се наведува во соопштението на шефовите на држави и влади на земјите од НАТО, усвоено на денешниот вонреден состанок на интернет.
„Никој не треба да биде измамен од бранот лаги на руската влада. Силно ја осудуваме целосната инвазија на Русија на Украина со поддршка на Белорусија“, се вели во соопштението.
НАТО ја повикува Русија веднаш да го прекине воениот напад, да ги повлече сите свои сили од Украина и да се повлече од патот на агресија што го избра.
„Овој долго планиран напад врз Украина – независна, мирна и демократска земја – е брутален и целосно неиспровоциран и неоправдан. Жалиме за трагичните човечки жртви, огромното човечко страдање и уништувањето предизвикано од акциите на Русија. Мирот на европскиот континент е суштински уништен. Светот ќе бара одговорност од Русија и Белорусија за нивните постапки, се вели во документот.
Според лидерите на НАТО, одлуката на претседателот Путин да ја нападне Украина е ужасна стратешка грешка за која Русија ќе плаќа висока цена, и економски и политички, во годините што доаѓаат. На земјата веќе се воведени огромни и невидени санкции. НАТО ќе продолжи да се координира во тесна соработка со релевантните чинители и други меѓународни организации, вклучително и ЕУ.
„Ние сме во целосна солидарност со демократски избраниот претседател, парламент и влада на Украина и со храбриот украински народ кој моментално ја брани својата татковина. Нашите мисли се со сите убиени, ранети и раселени од руската агресија, како и со нивните семејства. НАТО останува посветен на сите фундаментални принципи на кои се заснова европската безбедност, вклучувајќи го и фактот дека секоја нација има право да избере свои безбедносни механизми. Ќе продолжиме да даваме политичка и практична поддршка на Украина додека таа продолжува да се брани, а ќе ги повикаме и другите да го сторат истото. Ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, вклучително и нејзините територијални води.