Иницијативата Универзалната сала во Скопје да го носи името на познатиот македонски пејач Владо Јаневски не доби поддршка на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Предлогот „Универзална сала Владо Јаневски“ го поднесе советничката од СДСМ, Кети Штерјова, која побара новото име да биде во чест на пејачот, кој почина на 28 јуни.
Штерјова образложи дека Универзална сала претставува еден од симболите на културниот и музичкиот живот на Скопје и дека низ годините во неа се одржале бројни концерти, фестивали, претстави и други настани.
„Владо Јаневски е истакнат македонски пејач, скопјанец, автор и изведувач со повеќедецениско творештво и значаен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика“, рече Штерјова.
Според неа, именувањето на салата би претставувало признание за неговиот уметнички придонес и симболично би ги поврзало еден од најзначајните културни објекти во Скопје и еден од препознатливите автори и изведувачи на македонската музичка сцена.
Предлогот, сепак, не беше прифатен, бидејќи не доби поддршка од советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат мнозинство во Советот на Град Скопје.
На седницата не поминаа ниту дел од предлозите на советничката група на Левица. Тие побараа на дневен ред да се најдат точки за воведување билет со временско ограничување за возење во автобусите од јавниот превоз, како и за воведување хигиенски и технички услови за приватните превозници.
Прифатен беше предлогот на советничката Кате Цаневска на дневен ред да се стави иницијатива за воведување систем „0 отпад во Скопје“, со кој, како што беше образложено, треба да се придонесе за подобрување на хигиената во главниот град.