Грчкото Министерство за надворешни работи порача дека нема да прифати никакви обиди за менување или, како што наведува, фалсификување на содржината на Преспанскиот договор, реагирајќи на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението од ресорот со кој раководи Јоргос Герапетритис се истакнува дека меѓународните договори се применуваат униформно и дека нивното почитување е клучен предуслов за унапредување на билатералните односи и за непречено продолжување на европскиот пат на Македонија.
Од грчкото МНР потенцираат дека уставното име на државата е Северна Македонија и дека Преспанскиот договор е составен дел од Уставот, со апсолутна обврзувачка сила за двете страни, и на меѓународно и на внатрешно ниво.
„Преспанскиот договор е дел од меѓународното право и неговото доследно спроведување е основа за мирен соживот и стабилност во регионот“, се наведува во реакцијата од Атина.
Реакцијата следува откако премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот, во гостување на ТВ Сител, изјави дека „го вратиле името“, коментирајќи ги обвинувањата од СДСМ дека претходно ветувал поништување на Преспанскиот договор.
