Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изрази загриженост поради одлуката на осум земји-членки на Европската унија да го блокираат отворањето на третиот кластер за преговори со Србија. Меѓу државите кои се против беа Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Шведска, Финска, Холандија и Хрватска.
„Не можам да разберам што им згрешивме на Бугарите. Можеби разбирам што стои зад тоа, но нема да го кажам јавно. За Хрватска, пак, сè ми е јасно“, изјави Вучиќ, алудирајќи на сложените политички односи.
Тој најави дека Унгарија, која ја предводи Европската унија, ќе закаже нов состанок за време на своето претседавање, со цел да се одржи меѓувладина конференција помеѓу 16 и 20 декември.
„Без разлика дали ќе го отворат третиот кластер или не, продолжуваме да се бориме и да разговараме со сите. Наша цел е да станеме најбрзо растечката економија во Европа“, додаде Вучиќ.
Во меѓувреме, српските медиуми објавија дека не бил постигнат консензус за ова прашање на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ. Главни причини за блокадата се неусогласеноста на Србија со надворешната политика на ЕУ, ставовите за санкциите против Русија, геополитичкото неопределување на Србија, како и проблемите во владеењето на правото и односите со Косово.
