Проблемот со недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти во моментот е надминат, откако пратката од лекови вчера започна да пристигнува на Клиниката за онкологија. Останатиот дел од терапиите се очекува да се испорача во следните два дена, потврди денеска Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“.
Според неа, пациентките беа соочени со недостиг на лекови за рак на дојка, како Фулвестрант, Золадекс и Рибоциклиб, а имаше прекин и во делот на цитостатиците од позитивната листа за канцер на дојка и дебело црево. За да се избегнат непотребни гужви на високите температури, пациентите ќе бидат известувани за точниот распоред на пристигнување преку групата „Пеперутки“.
„Не бараме привилегии, туку навремена и континуирана терапија. Во овој момент набавката е завршена, но тука сме за да потсетиме дека нема да молчиме доколку повторно дојде до застој. Не е поентата да бараме виновник, туку да најдеме трајно решение“, истакна Марјановиќ, упатувајќи апел онколошките пациенти да не се користат за дневно-политички препукувања.
Марјановиќ нагласи дека Македонија не може да се бори со ракот преку краткорочни решенија, туку ѝ е потребна долгорочна стратегија по примерот на ЕУ и нејзиниот план „Beating Cancer“. Таа укажа на децениските проблеми со липсата на превенција, заглавениот Законот за лекови, како и потребата од подобра организација и децентрализација при дистрибуцијата на терапиите во другите градови.