Еден 44-годишен Финец Јане Ранинен, кој поминал околу 20 години зад решетки поради две убиства, сега се обидува да го отплати својот долг кон општеството.
Тоа го прави преку т.н. „Соба за бес“, а во неа неговите клиенти може да кршат предмети од домаќинството со безбол палка.
Тој ја отвори „собата“ во Хелсинки пред два месеци, и тоа со пари што ги позајмил од пријател, а како што вели оттогаш нема слободен термин.
„Бев в затвор до пред половина година, а ваква соба ќе ми се најдеше кога бев помлад. Решив дека кога ќе излезам, ќе ја отворам собата и ќе им дозволам на луѓето тука да го изразат својот гнев, наместо да ги прават глупостите што јас ги правев во младоста“, вели Ранинен, и додава дека исто така редовно разговара со младите, обидувајќи се да ги одврати од насилство и криминал.
„Тоа е еден начин да се врати долгот кон општеството, а просторот на бес е друг. Покрај плаќањето данок на доход на државата, и ова влијае на општата благосостојба“, посочи Ранинен.
Инаку, оваа соба се покажа како голем хит кај жените, односно Јане вели дека токму 85 отсто од корисниците се жени на возраст од 25 до 45 години.
И покрај угледот на Финска како бастион на родовата еднаквост, тој вели дека женската агресија се уште е овде табу тема и има многу непотребни потиснувања во таа смисла.
„На долг рок, секогаш е подобро да разговарате со терапевт. Но, на кус рок, нема подобро место за изразување фрустрации и вознемиреност. Пандемијата е убедливо најчестиот извор на лутина, но и лошите бракови се „при врвот“, тврди Ранинен.
