Неколку деца повредени во експлозија на непозната направа во Хрватска

Неколку деца се повредени попладнево во експлозија на непозната направа на отворен простор во Нови Винодолски, објавија хрватските медиуми, повикувајќи се на дежурната полициска управа Приморје-Горски Котар.

Експлозијата се случила околу 15 часот, а според медиумските извештаи, повредени се три деца.

Повредените деца се пренесени во Клиничкиот болнички центар во Риека, а врз основа на досега достапните неофицијални информации, повредите веројатно не се сериозни.

Околностите на инцидентот ќе бидат утврдени со истрагата на лице место.

„Полицијата добила дојава за експлозија во областа Нови Винодолски. Експлозијата се случила на отворено, но во овој момент сè уште не можеме прецизно да кажеме за каков вид направа станува збор додека не се спроведе целосна истрага на лице место“, објави порталот „Нови лист“ од Риека, повикувајќи се на портпаролката на дежурната полициска управа Приморје-Горски Котар.