Комисијата за спречување на корупција, веќе девет месеци е надвор од функција, откако старите членови поднесоа оставка. По барањето на парламентарното мнозинство, Комисија за прашања на изборите и именувањата, денеска го тргна од дневен ред точката за именување на нови членов на Комисијата за спречување корупција, иако беше предвидена како точка oд дневниот ред на денешната седница.
Ивана Туфекџиќ, независната пратеничка од коалицијата на СДСМ, рече дека прво треба да се изгласа новиот закон и потоа да се гласа за формирање на ова тело.
Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, немаат исто мислење за овој предлог. Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно е и претседател на Комисија за прашања на изборите и именувањата, ја спомна важноста на ова тело во изборните процеси и предложи комисијата да се формира, поради тоа што како што кажа тој, доколку не се гласа сега, тој е песимист дека може да се изгласа пред одржувањето на претседателските избори.
Артан Груби од ДУИ, изјави дека се согласува со ставот на Илија Димовски и за важноста на Комисијата за спречување корупција. Тој предложи пауза се со цел да се координираат и да донесат заеднички став.
Иако по паузата не се смени ништо, членовите на комисијата одлучија ова точка да се тргне од дневен ред и земјата и понатаму да остане без Антикорупциска. Инаку, конкурсот за нови членови за ова комисија се одржа во октомври годинава, на кој се пријавија 39 кандидати. Но, по овој предлог, Комисија за прашања на изборите и именувањата, ќе ги информира сите парламентарни групи, да се координираат и да одлучат дали новите членови да се избираат според новиот или стариот закон.
