Бугарија не испорачува нови барања кон Северна Македонија, но останува „челична“ во ставот дека веќе договорените обврски мора да се исполнат до запирка. Ова е главната порака на бугарскиот премиер Росен Жељазков, кој ја отфрли секоја можност Софија да направи „гест“ и да се откаже од инсистирањето за впишување на Бугарите во Уставот како предуслов за реален почеток на преговорите со Европската Унија.
Во изјава за медиумите, која уследи по неговото опширно интервју за Бугарското национално радио (БНР), Жељазков ја разјасни позицијата на техничката влада во однос на евроинтеграциите на Скопје, нагласувајќи дека простор за предоговарање нема.
„Внатрешно-политичка кореографија“ во Скопје
На прашањето дали е можно повлекување на барањето за уставни измени, Жељазков беше категоричен: „Не мислам дека воопшто има таков разговор“.
Според него, меѓу двете земји не постојат отворени билатерални прашања, бидејќи рамката е веќе дефинирана со Договорот за добрососедство и потпишаниот Протокол.
Актуелните случувања во Скопје, каде што Протоколот е оспорен пред Уставниот суд, бугарскиот премиер ги оквалификува како политички маневар.
„Фактот што протоколот е атакуван пред Уставниот суд на РСМ е дел од ’внатрешно-политичката кореографија‘ во Скопје, вклучително и онаа што се демонстрира пред Европскиот совет,“ оцени Жељазков.
Целосна усогласеност со Брисел
Жељазков потенцираше дека бугарската позиција не е изолирана, туку целосно коинцидира со ставот на Европската Унија. Патот за Скопје е јасен и е трасиран со компромисот од 2022 година: впишување на измените во Уставот и исполнување на одредбите од протоколот.
„Ние не поставуваме никакви различни услови од веќе прифатеното решение од 2022 година. Ако властите во Скопие сакаат да бидат дел од ЕУ, мора да минат по тој пат“, беше дециден премиерот.
Гаранциите на Народното собрание се најсилни
На новинарско прашање дали е можен некаков дополнителен билатерален протокол или документ што би му дал гаранции на Скопје дека нема да има нови „кочници“ или вета во иднина, Жељазков одговори дека правната сигурност веќе постои.
Според него, поголема гаранција од едногласната одлука на бугарското Народно собрание (Парламентот) не постои и не може да се даде.
„За колегите од Скопје треба да е јасно дека ние стоиме на оваа позиција, бидејќи таа е принципиелна. Нема да промениме ништо – ниту по однос на претворањето на прашањето во билатерален спор, ниту во барањето на невидливи влијанија од меѓународни играчи,“ заклучи Жељазков, отфрлајќи ги тезите за надворешен притисок врз Софија.
