Владата планира да го одработи целиот четиригодишен мандат, а следното редовно соочување со граѓаните на парламентарни избори е предвидено за април 2028 година. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека во моментов нема планови за предвремени избори.
Тој посочи дека граѓаните ѝ дале доверба на актуелната власт да ја води државата во период од четири години, поради што фокусот останува на спроведувањето на реформите, економскиот раст и зајакнувањето на владината коалиција.
Според Мицкоски, парламентарното мнозинство е стабилно и во моментов брои 61 пратеник, а изборниот циклус треба да се одвива во редовниот термин во април 2028 година.
Сепак, премиерот и претходно остави отворена можноста за предвремени избори доколку опозицијата официјално поднесе таква иницијатива во Собранието. Во тој случај, како што изјавуваше, власта ќе ја прифати иницијативата и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде подготвена за изборно соочување.
Мицкоски во изминатите месеци повеќепати повтори дека нема намера самостојно да организира предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека приоритет е исполнувањето на владината програма и мандатот добиен од граѓаните.