Нема слободен кревет на битолската ортопедија, двојно зголемен бројот на пациенти со скршеници

Ниските температури кои паднаа и под -20 степени во Битола предизвикаа мрзнење на улиците, а тоа е главната причина за зголемениот број на битолчани со скршеници кои се јавиле во Клиничката болница.

„Ортопедското одделение е веќе преполно, капацитетите на одделението за физикална медицина се отворени, пациентите се препраќаат на тоа одделение. Мобилни сме како на ортопедија, така на рентген, скршениците се зголемени за 50%“, изјави Сузана Конеска, портпарол на Клиничка болница Битола

76-годишната Драгица Шопова од Битола е една од нив, која е со сериозна скршеница на колкот откако паднала во нејзиниот двор.

„По скали во дворот, се лизнав и паднав, мислев дека е малку, но сериозно е, ми треба време да се опоравам“, изјави Драгица Шопова, пациент во болницата.

Најбројни на битолска ортопедија се повозрасните лица.

„Мразот е преопасен, особено за нас луѓето во години. Досега имам паднато неколку пати, за среќа без последици“, вели еден повозрасен битолчанец.

Ниските температури кои ја зафатија Битола ја зголемија и потрошувачката на вода. Се троши вода како во најтоплите денови во лето. За да не им замрзне водата, битолчани ги оставаат чешмите да течат.

„За 20% е зголемена од стандардните 520 литри, сега е зголемена на 650 литри во секунда, апелираме да ги затвораат чешмите за да не доаѓа до преголема потрошувачка на вода. За пукање водомери имаме околу 30 пријави, кои се навремено сервисирани и апелираме до граѓаните поради ниските температури да ги покриваат и заштитуваат водомерите“, изјави Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ Битола.

Снежниот бран кој ја зафати Битола донесе обилни врнежи од снег во вистина од 40cm. Од Јавните претпријатија информираат дека чисти се главните и 70% од споредните сообраќајници во градот.

Денеска со помошна механизација од РЕК Битола се пробиваше и патот за планинското село Древеник.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21