Во пожар во паб во Бангкок загинаа најмалку 27 лица, соопштија тајландскиот премиер и други официјални лица.
Извештаите за пожарот почнаа да се појавуваат по 2 часот наутро по локално време, а видео објавено од „Противпожарна служба и спасување Тајланд“ покажува облак од оган како излегува низ вратата во пабот „На Ладпрао“ во градската населба Чатучак.
Службеник на администрација на Бангкок подоцна потврди дека уште 63 лица се повредени во пожарот – од тој број, 22 се во критична состојба.
Официјалните лица велат дека пожарот веќе го зафатил целиот простор кога пристигнале спасувачите и дека сведоци пријавиле пламен пред сцената.
Точните детали не беа веднаш јасни, но се верува дека пожарот започнал во пабот.

Анутин Чарнвиракул, тајландскиот премиер, кој го посети местото на пожарот во раните утрински часови, им изјави на новинарите дека врз основа на исказите на преживеаните, барот брзо се наполнил со чад откако избувнал пожарот.
Тој рече дека чадот ги принудил многумина да трчаат кон задниот дел од местото на одржување, во близина на тоалетите, но немало излези во случај на пожар.
Сепак, гувернерот на градот го поби ова, велејќи дека имало излези во случај на пожар, но дека биле попречени од маси и гајби со пиво.
Дописничката за Азија, Корделија Линч , која известува од местото на настанот, изјави дека десетици се собрале за да добијат информации за нивните роднини кои работеле на местото или присуствувале на настанот.