Непризнавањето на возачките дозволи им го загорчува секојдневието на македонците во Италија

Еден македонски државјанин бил приморан да се откаже од работното место, друг повеќе од две години не успеал да седне зад волан. Македонците во Италија се соочуваат со сериозни проблеми поради тоа што возачките дозволи со новото уставно име не им се признаваат. За телевизија Сител раскажуваат дека италијанските власти бараат документи со старото име на државата за да можат да управуваат со возило. Оваа ситуација не само што им го отежнува секојдневието, туку и ги ограничува при изборот на работа.

Нашинците велат дека се разочарани бидејќи проблемот со години не наоѓа решение. Од амбасадата, пак, постојано добивале идентичен одговор – дека состојбата останува непроменета. Додека чекаат конкретни мерки, тие имаат само две опции: или да се снаоѓаат за превоз на друг начин, или да полагаат за италијанска возачка дозвола, за која трошокот достигнува и до 2.000 евра.

Од македонското Министерство за надворешни работи за Сител потврдуваат дека до италијанските власти е испратен конечниот договор за заемно признавање на возачките дозволи.

„Македонската страна ги заврши сите потребни формалности и во моментов се чека одобрување од италијанските институции, по што би следело негово потпишување“, стои во одговорот на МНР.

Дека се преговара, потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи.

„Во тек се преговори за усогласување на нацрт-договорот меѓу двете влади. МВР веќе достави одговор до италијанските власти и се чека нивен став“, наведуваат од министерството.

Гужвите на пунктовите за издавање на лични документи на крајот од 2023 и почетокот на 2024 година уште повеќе ја усложнија состојбата. Поради неподготвеноста на институциите да ги исполнат обврските од Преспанскиот договор, Собранието донесе одлука да го продолжи рокот за важност на возачките дозволи со старото име, но само во земјата, до 31 декември 2024 година.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.