Молк од Министерството за надворешни работи откако денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ објави дека несудената конзулка Бесмира Ејупи, е вработена во МНР.
„Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР. Почитувани, македонската дипломатија е во нокаут, а институциите служат за задоволување на апетитите и фрустрациите на функционери на ДУИ-СДСМ“, рече Стоилковски.
Името на Ејупи одекна во јавноста откако излезе информацијата дека на затворена владина седница, таа била предложена како кандидат за генерален конзул во Њујорк. По реакциите во јавноста пак, на следната седница, предлогот беше повлечен, за потоа од владата да тврдат дека не е планирано повлекување на актуелниот конзул, Јордан Панев.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со тврдење дека некогашната ТВ презентерка Бесмира Ејупи, за која постои истрага, сега е вработена во МНР. Несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е соработник во одделението за правни работи во МНР.
Веќе е почната и постапка за добивање на за безбедносен сертификат „доверливо“. Според ВМРО, додека тече истрагата за исплатите од над 12.000 евра од Државното правобранителство кон Ејупи, сега неа ја презема и ја вработува Бујар Османи.