Ни доаѓа Прочка и обичајот кој се негува со векови: Се амкаат јајца, а најмногу се радуваат најмалите!

Ни доаѓа Прочка, а покрај простувањето и посетата на младите кај повозрасните роднини за прошка, стариот адет сé помалку се пренесува од генерација на генерација и исчезнува низ татнежот на времето.

Се работи за обичај кој што се негува со години а вклучува амкање варено, а нелупено јајце.

Истото е врзано на конец и стап и се ниша од страна на најстариот член во фамилијата, додека децата се обидуваат без помош на рацете да го фатат јајцето со усните.

Амкањето било следено со весели зацрвени лица на децата, кои вложувале напори, некогаш и илаџиски марифети, само да успеат да го стават јајцето во устата.

Зашто се верува дека оној кој ќе успее да го фати јајцето, ќе биде следен со многу среќа во пролетта што следи и целата година.

Старите прилепчани раскажуваат дека амкањето се правело на вечер, кога тесното семејство ќе се соберело по целодневните прошетки во сурати и маски по роднините и комшиите и по испраќањето на блиските од визитите за простување.