Македонската Влада продолжува да бара начини за олеснување на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, а како едно од решенијата ги користи билатералните договори со земјите членки, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој посочи дека Владата има целосно разбирање за проблемите со кои се соочуваат транспортерите и дека во рамки на своите надлежности презема активности за изнаоѓање конкретни решенија.
„Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната“, истакна Николоски.
Според него, веќе се постигнати договори со неколку земји, а во следниот период ќе продолжат разговорите со други држави.
„Во текот на септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, во текот на октомври со словенечката влада, така што ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји кои што се расположени“, рече министерот за транспорт.
Николоски посочи дека целта е со договорите да се обезбедат што поголем број од рутите по кои најчесто се движат македонските превозници.
„Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија“, истакна Николоски.
Тој оцени дека на овој начин постепено се опфаќаат земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери.
Владата и Министерството за транспорт, како што најави, ќе продолжат со разговорите со европските земји во обид да се најдат дополнителни решенија за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.