Нимиц: Историскиот договор отвора врата за нов однос, мир и безбедност на Балканот

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН и посредник во грчко-македонските преговори, Метју Нимиц, преку писмено соопштение го поздрави изгласувањето на уставните амандмани во Парламентот, во согласност со Договорот од Преспа и очекува комплетирање на процесот.

„Ги поздравувам финалните чекори преземени од Парламентот на поранешна југословенска Република Македонија во насока за имплементација на Договорот од Преспа.

Сакам да му честитам на Парламентот и на граѓаните за ова достигнување и за демократскиот начин на кој е изведен овој важен процес.

Овој историски договор меѓу двата соседи ја отвора вратата за нов однос меѓу нив и за поцврста основа за мир и безбедност на Балканот.

Очекувам комплетирање на процесот како што е предвидено со Договорот”, пишува во изјавата од Нимиц.

Тој уште потсетува дека како и досега, Обединетите Нации остануваат посветени на работењето со двете страни за конечно решавање на разликите меѓу нив.

Извор: ТВ21